БЕРОВО И МАЛЕШЕВИЈАТА
Малешевската котлина се наоѓа во источниот дел на Република Македонија опколена со Малешевските планини. Богатство од букови, борови, дабови шуми го одредиле и нејзиното име “Малеш – планина”. Овде природата со мајчинска несебичност го дарувала секој свој сегмент. Глетката која што ја нуди овој предел е како од сказна; бескрајно зеленило, беспрекорно чиста околина и богатсво од водни ресурси. Малешевските планини се на места загадочни и таинствени, но почесто мирни и тивки и подеднакво убави во сите годишни времиња.
Градот Берово е сместен во Малешевската Котлина на површина од 595 km и на 800 m надморска височина. Општинскиот центар Берово и селските населби се сместени на периферијата на котлината. Општина Берово на југ се граничи со општините Ново Село, Босилово и Василево, на запад со општините Радовиш и Виница, на север со Делчево и со Пехчево, на исток се наоѓа државната граница со Република Бугарија. Берово има умерено-континентална клима со модификација на климата во високите планински и рамнински делови. Локалитетот Берово има значително пониска средна годишна температура на воздухот од подрачјата на иста надморска височина во поширокиот дел на оваа котлина. Според пописот за население во 2002 година во градот Берово живеат 7002 лица а нивниот број во во Беровската општина е 13941. Според националната припадност најдоминантно население се Македонците со 96%, па следуваат Ромите со 3%, а 1% се останати националности.
Релјефот во овој предел е претежно ридско-планински, а рамнински терени има само околу речното корито на реката Брегалница. Малешевските планини се централно поставени во општината. Природната целина Малеш, каде е сместен и градот Берово, е одвоена од Пијанец со разграноците на Влаина Планина, Обозна и Бејаз Тепе. Јужната рамка на општинската територија е планината Огражден. Благодарение на богатите водени ресурси овде е изградено вештачкото Беровско Езеро, кое сместено во раскошниот природен амбиент, многумина го сметаат за божји дар, а не артефакт.
Во поглед на стопанството, населението во градот Берово и целата Малешевска област се занимава претежно со земјоделство. Поради специфичноста на земјиштето во Малешевијата најмногу се одгледува компир по кој Берово е доста познат. Исто така Берово е познато и по Беровското бело сирење. Со планот за изградба на граничен премин кон Бугарија со кој Берово би се поврзало со Сандански значајно би се подобрило стопанството на целиот регион.
Во целата природна убавина на овој предел се наоѓаат женскиот манастир Св. Архангел и машкиот манастир Успение на Пресвета Богородица. Манастирот Св. Архангел е единствениот манастир кај нас во кој непрекинато се одвива монашки живот веќе 153 години, токму онолку колку што се стари и конаците. Вториот манастир, Успение на Пресвета Богородица, се наоѓа на местото каде што некогаш имало црква посветена на Успение на Пресвета Богородица која била обновена и прилагодена за монашки живот, па со тоа е преобразена во Манастир. Самиот локалитет има посебно значење за беровчани, како место на поклонение и молитвено почитување на Пресвета Богородица.
И на крај, зошто да го посетите овој регион? Најпрво поради зеленилото, свежиот воздух и високиот степен на концентрација на кислород во воздухот (највисок во Македонија). Овде и поклониците на риболовот ке можат да си ја задоволат својата пасија, бидејки Беровското езеро располага со клен, крап, пастрмка, белвица и караш. На љубителите на планинарењето ги очекуваат Малешевските планини, кои ќе ги фасцинираат оние кои преферираат мирни прошетки низ неа, но и таквите кои бараат авантури и предизвици. Значи ако ви е здодеана бучавата и загадениот воздух, дојдете и земете дел од неисцрпениот мир и спокој, а Беровчани најљубезно ќе ве сместат во многуте вили, мотели и хотели.